Свет Европа Кијив повторно напаѓан цела ноќ, но руските дронови не нанесоа штети

Кијив повторно напаѓан цела ноќ, но руските дронови не нанесоа штети

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето редовно обраќање до нацијата вчеравечер предупреди дека Русија користи компоненти и резервни делови за своите оружја произведени во земјите на слободниот свет

Фото: Укринформ

По речиси цела ноќ руски напади со дронови, околината на Кијив, главниот град на Украина, сепак помина без штети и без повредени. Биле користени јуришни дронови, неколкупати во ноќта била прогласувана тревога, но украинската противвоздушна одбрана сепак успеала да ги неутрализира дроновите, јави украинската државна новинска агенција ukrinform.net.

„Минатата ноќ, непријателот повторно го нападна регионот Кијив со јуришни дронови. Неколкупати беше прогласувана тревога за воздушни напади што потраја речиси цела ноќ. Во регионот реагираше противвоздушната одбрана. Не беа погодени цели од дроновите, нема жртви. Според првичните информации, нема ни помали штети. Оперативните групи работат на утврдување на штетите“, соопшти Руслан Кравченко, шефот на Регионалната воена управа на Кијив.

Руската армија извршила напад и на северниот регионот Житомир со јуришни дронови од иранско производство „Шахид“, при што се нанесени штети на инфраструктура и на приватни куќи.

Во руските напади на регионот Донецк во текот на изминативе 24 часа биле повредени 10 цивили.

Украинското воено воздухопловство во истиот период, извршило 12 напади врз руски војници, оружја и воена опрема, при што биле погодени три системи за противвоздушна одбрана.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето редовно обраќање до нацијата вчеравечер предупреди дека Русија користи компоненти и резервни делови за своите оружја произведени во земјите на слободниот свет, истовремено повикувајќи да се засили притисокот со санкциите врз Русија.