Главна секција Кежаровски е пуштен, ама го држат на кратко условно јаже

Кежаровски е пуштен, ама го држат на кратко условно јаже

Новинарот Томислав Кежаровски е на слобода. Како што ненадејно беше затворен, по објавувањето на пресудата на Апелацискиот суд за две години затвор, така новинарот експресно и ненадејно е пуштен со решение за едномесечен отпуст.

Денеска судот објави дека го прифатил барањето за условен отпуст на Кежаровски.

Редоследот на настаните и околностите го наметнуваат прашањето дали по сите перипетии и судски контроверзии, Кежаровски ја доби битката или, пак, државата со последните одлуки на судските власти се обиде да се извлече од ситуацијата, правејќи оптимален компромис во случајот со Кежаровски.

На прашањето не може да се гледа еднодимензионално. Кежаровски во моментот не е во зандана и е со своето семејство, што може да се гледа како добра околност во случајот. Сепак, новинарите и новинарските здруженија, кои пред три дена протестираа пред Апелацискиот суд и Владата, сметаат дека со условниот отпуст на Кежаровски воопшто не е зафатена суштината на постапката што се водеше против новинарот туку е само алиби, обид на власта да се извлече од притисокот по одлуката за затворска казна и по затворањето на новинарот.

– По сите притисоци од новинарите, новинарските здруженија, демократскиот капацитет во државата, граѓаните, колегите од Европа и од светот, меѓународните институции, од сите што застанаа зад тоа дека новинарот е невин, власта го ослободи Кежаровски од затвор. Станува збор за обид на власта да се извлече од ситуацијата и да си ги покрие гревовите. Пуштањето од задвор и, сега, прифаќањето на барањето за условен отпуст е добро за Кежарвоски и за неговото семејство. Но, тоа е едната страна и тоа не доволно – вели новинарот Зоран Димитровски, дел од Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски.

Тие го темелат својот став на еден единствен факт, што судот не сака да го признае, а тоа е дека Кежаровски е невин за делото за кое е осуден. Тој факт, условниот отпуст (кој, меѓу другото, е сè уште неизвесен, бидејќи Обвинителството може да ја обжали одлуката), не може да го избрише.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, за „Мета“ вели дека „рано е да се извлекуваат заклучоци“.

Денеска и од Македонската асоцијација на медиуми (МАН) преку соопштение го искажаа своот став дека здружението „ја поздравува одлуката новинарот Томислав Кежаровски да биде на условен отпуст, односно да биде ослободен од издржување на казната“.