Македонија Ќе се гради ново основно училиште во Општина Центар

Ќе се гради ново основно училиште во Општина Центар

Во Општина Центар ќе се гради ново основно училиште, најави денеска градоначалникот на општината, Андреј Жерновски.

Училиштето ќе се изгради во Капиштец, на улиците Васил Ѓоргов и Адам Мицкијевиќ, и ќе се простира на 10.600 квадратни метри, со планирана површина за градба на објектот од 3.142 квадратни метри.

– Проектот е изработен за да ги задоволи сите стандарди за современо образование. Училиштето ќе биде изградено со примена на современ архитектонски израз и на високо-квалитетни материјали. Ќе се учи преку интерактивни табли, учениците ќе поседуваат таблети, поврзани со безжична интернет-мрежа. Кабинетите ќе бидат опремени со најсовремена опрема, неопходна за квалитетно образование на децата. Греењето ќе биде подно и во секоја училница ќе има спроведено вода. Во зимски услови, водата во тоалетите ќе се грее преку топлопната мрежа, со што ќе се постигне идеална температура во просториите – рече Жерновски.

Училиштето ќе има соодветен пристап за лица со посебни потреби, до и во внатрешноста на објектот. Ќе има заштитна тампон-зона меѓу влезот во училиштето и околните сообраќајници, со обезбедено паркиралиште за посетителите и за родителите, а ќе има и подземни премини до училиштето.

До 10 декември сите објекти на просторот каде што ќе се гради новото училиште ќе се иселат, а од 10 декември започнува расчистувањето на теренот за изградба на првото училиште во Капиштец.