Македонија Ќе нема референдуми за мигрантите на денот на локалните избори

Ќе нема референдуми за мигрантите на денот на локалните избори

Државниот инспекторат за локална самоуправа донесе одлука да ги запре решенијата за организирање локални референдуми во општините против населување мигранти на денот кога се закажани и локалните избори – 15 октомври.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти државниот инспектор за локална самоуправа, Рахим Муслиу, кој додаде дека ќе поведе и постапка пред Уставниот суд за утвдување на законитоста на иницијативите на општините за одржување референдуми за мигранти.

Причина за ваквата одлука, како што рече Муслиу, е членот 22 од Законот за локална самоуправа според кој, како што рече, никаде не е наведено дека општините имаат надлежност за мигрантите и за нивното населување.

Тој информираше дека решение досега е донесено за 12 општини (Кочани, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Велес, Битола, Прилеп, Радовиш, Аеродром, Гази Баба и Охрид), кои доставиле до инспекторатот извештај од јавното општинско гласило во кое е објавен референдум, а се очекува да бидат доставени уште два извештаи, од Карпош и од Ѓорче Петров.

Муслиу рече дека одлуката ќе биде доставена до Министерството за локална самоуправа, државниот секретар за локална самоуправа и до градоначалниците и советите на 12-те општини. За одлуката градоначалниците имаат обврска да ги известат и општинските изборни комисии.

Инаку, барањата за одржување на референдуми на локално ниво на денот на локалните избори е точка на дневен ред на денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК).