Македонија Ќе има и заедничка седница на владите на Македонија и на Босна...

Ќе има и заедничка седница на владите на Македонија и на Босна и Херцеговина

Премиерот Зоран Заев и босанската амбасадорка Лепа Бабиќ денеска ги потврдија заложбите на Македонија и на Босна и Херцеговина за унапредување на меѓусебната соработка и за заеднички напредок во евроинтегративните процеси.

Како што соопштуваат од владината прес-служба, двајцата соговорници констатирале дека е од голема важност, земјите од целиот регион да добијат позитивни препораки во настојувањата кон евроинтеграциите.

– Владата на Република Македонија работи на реформскиот процес, на доброседски односи и се заложува за европски перспективи на целиот регион – рече премиерот Заев.

На средбата се разговарало за конкретни чекори во интензивирањето на соработката меѓу двете земји, како што е организирање заедничка владина седница и унапредување на односите во областа на економијата, образованието, туризмот.

Констатирано е дека спогодбата за признавање на возачките дозволи меѓу двете земји, како и претстојното овозможување на граѓаните на двете држави да патуваат со лични карти, значително ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните и меѓу ресорската соработка, што се очекува да дава побрзи и повидливи резултати од интерес на потребите на граѓаните и на двете земји.