Македонија Казни за студентите што ќе го повторуваат државниот испит

Казни за студентите што ќе го повторуваат државниот испит

Ако по седми пат не го положат државниот испит, студентите ќе треба да плаќаат казна од 12 илјади денари

Ако по седми пат не го положат државниот испит, студентите ќе треба да плаќаат казна од  12.000 денари, јави „24 Вести“.

Првите три полагања на државниот испит ќе бидат бесплатни, четвртиот пат ќе се наплаќа 100 денари, петиот пат 1.000 денари, шестиот обид ќе чини 3.000 денари, а последниот – седми – обид 12.000 денари – сума која ќе остане фиксна за секое следно полагање.

Првите екстерни тестирања ќе бидат во 2017 година по завршена втора година од студии на новозапишаните студенти од следната академска година, а прашањата ќе бидат од сите ислушани предмети од прва и од втора година. Конечниот предлог-закон за воведување државни испити на факултетите ќе биде предложен до крајот на декември годинава.

Прашањата за државните испити ќе ги составува Одборот за акредитација и евалуација, но со намален состав. Така, наместо сегашните 23, одборот ќе брои девет члена.

Тројца од нив ќе бидат предложени од Владата, исто толку претставници ќе бидат од најдобро рангираните државни универзитети по Шангајската листа, еден член ќе биде од приватните универзитети, а двајца членови на Одборот ќе бидат независни експерти.

Дополнително, велат надлежните, во составување на прашањата за тестирањето ќе бидат вклучени и надворешни групи од стручни лица и универзитетски професори, кои ќе имаат удел во составување на прашањата за посебни области.