Главна секција Катица Јанева бара поголема надлежност врз заштитените сведоци

Катица Јанева бара поголема надлежност врз заштитените сведоци

Катица Јанева преку амандмани на постојниот Закон за заштитени сведоци ќе бара да ѝ се олесни користењето ваков вид сведоци. Истовремено, со амандманите се бара во законот да фигурира и Специјалното обвинителство за тоа да може да предлага и да бара заштита на одредени сведоци, потврди за „Мета“, портпаролката на Специјалното јавно обвинителство, обвинителката Ленче Ристовска.

– Станува збор за амандмани на постојниот Закон за заштитени сведоци, со кои бараме да му се даде надлежност на специјалното обивнителство да одлучува во врска со заштитените сведоци, бидејќи ова обвинителство не е опфатено со овој Закон – изјави за „Мета“ обвинителката Ристоска.

Европратеникот Ричард Ховит, на вчерашната заедничка прес-конференција со своите колеги Иво Вајгл и Едвард Кукан, меѓу другото, побара поголема поддршка за амандманите на Јанева за Законот за заштитени сведоци.

Обвинителката Ристоска најави дека до петок оваа недела до медиумите ќе биде доставено соопштение во кое детално ќе биде наведено што точно се бара со амандманите, како и информација за кои случаи побарале, но не ги добиле доказите од правосудните органи.

Професорот и поранешен министер за внатрешни и за надворешни работи во владите на СДСМ, Љубомир Фрчкоски, вели дека барањето амандмани на Законот за заштитени сведоци е нов момент. Тој смета дека Обвинителството со измените веројатно сака да ги користи сите лица што се пријавиле за заштитени сведоци.

Имено, Јанева во разговор за порталот „Призма“, кон средината на октомври минатата година, ги потврди информациите дека одредени лица се подготвени и сакаат да бидат соработници на правдата, односно заштитени сведоци за содржините што произлегуваат на незаконското прислушување.

„Да, точно е, но во овој момент не можам да зборувам за тоа бидејќи прво треба да ги примиме сите пријави, предмети, да видиме во која фаза се и кои сѐ лица би соработувале со правдата“, изјави тогаш Јанева.