Свет Балкан „Катимерини“: Спорот за името привремено оди во фиока

„Катимерини“: Спорот за името привремено оди во фиока

Средбата на грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас, со вицепремиерот Фатмир Бесими, дел од грчките медиуми ја протолкуваа како отворање на грчката влада кон албанскиот фактор.

Грчкиот весник „Катимерини“ оценува дека средбата била обид да се скрши мразот со македонската влада, но и да се направи чекор кон соработка со албанскиот фактор.

Според анализата на весникот, средбата со Бесими е отворање кон албанскиот фактор не само во Македонија, туку кон Албанците во целиот регион. Ваквиот чекор се смета, според „Катимерини“, како позитивен и во насока на подобрување на грчко-албанските врски по тензијата што се создаде меѓу Атина и Тирана во последниот период.

Покрај овој елемент, „Катимерини“ забележува дека разговорите меѓу двајцата политичари биле јасен обид да се креира подобра клима и подобро разбирање околу различни билатерални прашања, меѓуграничната соработка и соработката на европски програми. Во анализата се истакнува дека иако Коѕиас на почетокот ги претстави мерките за градење доверба како начин за грчка борба против македонскиот иредентизам, сепак таа реторика не беше применета во изјавите по средбата со Бесими.

„Мерките за градење доверба на овој начин се развиваат како обид за рационална соработка, како туркањето напред на европските програми, додека, пак, спорот за името се чини дека барем привремено ќе биде ставен во фиока, бидејќи ни условите во БЈРМ не се поволни за дијалот, ниту, пак, Атина се брза, а во последно време изолацијата на Груевски станува зачестена европска политика“, се вели во текстот на „Катимерини“.