Свет Канада ќе ги отвори вратите за бегалците и од други делови на...

Канада ќе ги отвори вратите за бегалците и од други делови на светот

Канадската влада планира годинава да прими меѓу 51.000 и 57.000 бегалци, соопшти канадскиот министер за имиграција, Џон Макалум.

– Нашиот план не е само да примиме сириски бегалци во Канада во текот на 2016 година, туку исто така уште повеќе да ги отвориме вратите за бегалците од другите региони во светот – рече Макалум, претставувајќи ги новите бегалски квоти за годинава.

Тој соопшти дека целта е да се примат меѓу 280.000 и 305.000 лица, кои ќе добијат постојан престој во земјата до крајот на годината и додаде дека тоа е околу седум отсто повеќе во споредба со минатата година.

Канада во последните три месеци прими повеќе од 26.000 сириски бегалци, што беше дел и од изборното ветување на премиерот Џастин Трудо.

Според статистичките податоци на министерството за имиграција, во моментот се процесираат барања за уште 12.000 бегалци од Либан, Јордан и од Турција.