Македонија Кампањата „Гласно против гласини“ во борба против дискриминацијата на жените

Кампањата „Гласно против гласини“ во борба против дискриминацијата на жените

Под слоганот #СекојаЕднаЕВредна, вчеравечер беше означен почетокот на националната кампања „Гласно против гласини“. Оваа кампања, поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, има за цел да ја подигне свеста за штетното влијание од ширењето „гласини“ кои доведуваат до родови стереотипи и предрасуди за жените во нашето општество.

Кампањата „Гласно против гласини“ е поттикната од потребата да се стави крај на стигматизацијата на жените во општеството врз основа на приказни и верувања полни со непроверени информации, сомнежи и невистини.

На синоќешниот настан присуствуваа гости од различни сфери, поддржувачи на кампањата, како и активните учесници односно жени и девојки чии инспиративни приказни се дел од серијата активности, а официјално обраќање имаше и Амбасадорот Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

-Родовата еднаквост и борбата против гласините, стереотипите и предрасудите кои ги поттикнуваат и ги зајакнуваат родовите нееднаквости не се прашања кои ги засегаат само жените, туку се однесуваат на општеството како целина. Затоа ги повикувам сите мажи и момчиња целосно да се вклучат и да преземат заедничка одговорност за постигнување родова еднаквост – истакна амбасадорот Која.

Со кампањата ќе се реализираат различни активности на национално ниво, кои ќе бидат опфатат различни канали на комуникација: социјални и дигитални медиуми, настани и дебати од јавен карактер, сè со цел да се допре до засегнатите страни и едукативно да се влијае врз директните учесници во ваквата негативна општествена појава.