Економија Камионите со нафта се пренасочуваат преку Бугарија, превозот поскапи

Камионите со нафта се пренасочуваат преку Бугарија, превозот поскапи

Камионите што превезуваат нафта и нафтени деривати, од граничниот премин Евзони се пренасочуваат кон Ново Село, Бугарија, вели за „Мета“, Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

– Поради настанатата ситуација, одобрено е преку овој граничен премин да поминува акцизна стока. Поради барањето алтернативни патишта, транспортерите ја зголемија цената за превозот за еден тон нафта, но важно е дека камионите се движат и нема поголем застој – додава Муратовска.

Во однос на другите превозници, таа вели дека поисплатливо е превозот да поскапи, отколку стоката да стои.

– Трошоците се многу поголеми ако стоката стои бидејќи се плаќа лежарина за брод и за магацин – додава Муратовска.

Грчките земјоделци веќе деветти ден го блокираат граничниот премин Евзони, а се заканија дека ќе ги радикализираат протестите.

Министерот за економија, Дритон Кучи, вчера изјави дека Министерството за економија ќе спречи да дојде до каква било нафтена криза во земјава.

– Од секторот за енергетика ми укажаа дека веќе треба да се справиме со можната нафтена криза и затоа од денеска ќе ги интензивираме состаноците за надминување на проблемот – рече Кучи.

Вчера, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, напиша писмо до претседателот на Унијата на грчките трговско-индустриски комори, Константин Михалос, како и до амбасадорот и шеф на Канцеларијата за врски на Грција во Македонија, Димитриос Јанакакис, со кое укажа дека блокадите на граничниот премин Евзони негативно се одразуваат врз економско-финансиското работење на стопанството во Македонија, а негативни ефекти чувствува и стопанството во Грција.