Македонија Кацарска: Пратениците се неодговорни спрема уставните обврски, затоа сме без една третина...

Кацарска: Пратениците се неодговорни спрема уставните обврски, затоа сме без една третина од судиите

Извор на фотографија: Уставен суд

За Уставниот суд годинава била полна со неизвесност и oтежнато функционирање во вршењето на неговите надлежности, а темата со неизбирањето на судиите сẻ уште е сериозен проблем за Уставниот суд, но и дамка за угледот на државата, само затоа што пратениците се неодговорни спрема уставните обврски. Ова денеска го изјави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

„Беа избрани двајца нови судии кон крајот на октомври, еден се пензионираше во декември, што значи во овој момент недостасува една третина од вкупно предвидениот број судии во Уставниот суд и, како последица на ова, се повторува непосакуваниот исход, се соочуваме со состојба да остануваат предмети кои не добиваат мнозинство гласови, а следствено на тоа Уставниот суд не може во целост да ја оствари својата улога. Имено, во моментот не е одлучено по 24 предмети, токму поради недобиеното мнозинство гласови, но има и суштински важни предмети за граѓаните и за државата за кои е есенцијална дискусијата од сите девет судии, со што ќе се придонесе кон поквалитетна одлука“, изјави претседателката Кацарска.

Иако цели девет месеци Судот бил оставен на раб на функционирање, Кацарска посочи дека петмина судии, заедно со советничките тимови, на свои плеќи го понеле товарот. исто како во Уставниот суд да работеле девет судии.

„И во вакви специфични услови Уставниот суд одржа вкупно 42 седници, што во изминатите 13 години не било случај. Толкав број седници последен пат имало во 2009 година, но ќе потенцирам дека тогаш Судот работел во полн состав од 9 судии“, изјави Кацарска.

Уставниот суд годинава оформил 133 предмети заклучно со денеска, од кои седум се барања за заштита на слободи и права, а со останатите 126 во најголем дел се бара преиспитување на уставноста и законитоста на акти и во два случаја се бара оценување на уставноста на програми и статут на здруженија на граѓани.

Исто така, уставните судии изминатава година имале 130 решени предмети, од кои речиси половина се примени во 2022 година.

„Ќе потенцирам дека е даден приоритет на решавање на постари предмети, со цел да се намали бројот на нерешени предмети од минатите години“, изјави Кацарска.