Македонија Кабинет на Иванов: Претседателот не е информиран за каков било договор меѓу...

Кабинет на Иванов: Претседателот не е информиран за каков било договор меѓу Заев и Ципрас

Претседателот Ѓорге Иванов не е информиран за каков било постигнат договор меѓу македонскиот и грчкиот премиер на нивната средба во Давос, на која се темелат јавните изјави на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, информираат од кабинетот на Иванов за Македонската информативна агенција (МИА).

Оттаму нагласуваат дека на информативната средба во Клубот на пратеници што се одржа на 27 јануари, присутните биле информирани за предложените идеи на медијаторот Метју Нимиц, во рамките на процесот што се води под покровителство на Обединетите нации.

„При информирањето за исходот од средбата во Давос не се спомена каков било постигнат договор или, пак, спогодба за којашто сега јавноста ја информираат грчки претставници. Македонскиот претседател останува на јавниот став искажан по таа средба, а во очекување Владата да ги информира граѓаните на Република Македонија за преземените активности на владините претставници, по однос на ова прашање“, велат од кабинетот на Иванов.