Македонија Јовица Стојановиќ назначен за нов в.д. директор на Управата за извршување санкции

Јовица Стојановиќ назначен за нов в.д. директор на Управата за извршување санкции

Фото: Архива, Министерство за правда

На денешната 120 владина седница, бил прифатен предлогот на министерот за правда, в.д. директор на Управата за извршување санкции, да биде Јовица Стојановиќ. Ова следува откако вчера беше разрешен директорот на Управата, Марјан Спасовски.

„Владата го прифати и предлогот на Министерот за правда, да се распише јавен оглас за именување нов директор на Управата за извршување на санкции, како што е образложено, согласно член 27, став (2) од Законот за извршување на санкции“, наведено е во владиното соопштение.

Постапката за разрешување на актуелниот директор следуваше неколку дена по бегството на 36-годишниот Беким Мемети, поради кое полицијата до обвинителството поднесе кривични пријави против тројца затворски полицајци и командирот на смена во затворот „Идризово“. Министерството за внатрешни работи информираше дека овие вработени лица во затворот, спротивно на законот, го ослободиле лицето Б.М., осудено за кривично дело по член 123 – убиство, кое им било доверено на чување и му помогнале да побегне.