Главна секција Јануарските сметки за парно на скопјани ќе им бидат повисоки за 14...

Јануарските сметки за парно на скопјани ќе им бидат повисоки за 14 отсто

Фото: Мета.мк

Од утре цената на парното ќе се зголеми во просек за 14 отсто. Новата цена ќе биде пресметана во јануарските сметки на граѓаните од град Скопје кои ја користат топлинската енергија од трите компании.

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) рече дека ова е враќање на нивото на цената на парното од 2018 година.

„Со денешната одлука цената на парното практично се враќа на ниво од јули 2018 година. РКЕ во последните 9 години носеше одлуки со кои сметките за парно континуирано се намалуваат, освен една година кога останаа на исто ниво. Природниот гас е енергенс кој државата го увезува и неговите високи цени влијаат во цела Европа. Ги уверувам граѓаните дека во моментот штом се стабилизира цената на природниот гас одлуката ќе биде ревидирана“, изјави Марко Бислимоски и ги повика Градот Скопје и Владата да помогнат за покривање на дел од трошоците за топлинска енергија, за да не падне сè на товар на граѓаните.

Со одлуката во јули 2021 година цената на парното се намали во просек за 4.35 проценти. По ескалирање на енергетската криза во Европа со огромниот пораст на цените на природниот гас и електричната енергија, компанијата БЕГ, која стопанисува со најголем дел од топланите во градот, побара цената за топлинска енергија да се зголеми за дури 300 отсто. Во Скопје околу 60.000 потрошувачи се приклучени на централните системи за греење на трите компании.