Македонија Јанева очекува СЈО да продолжи да работи и по 2020 година како...

Јанева очекува СЈО да продолжи да работи и по 2020 година како дел од ОЈО

Специјалната јавна обвинителка на денешната прес-конференција соопшти оти очекува реформите во правосудниот сектор да овозможат СЈО и по 2020 година да продолжи да работи како дел од Јавното обвинителство на Република Македонија.

– Се надеваме дека ќе бидат донесени соодветни законски решенија во 2020 година ова јавно обвинителство да се трансформира и да се припои кон Јавното обвинителство на Република Македонија како самостојна институција во постапување на делата од негова надлежност и гонење на кривични дела од корупција од висок профил – рече Јанева на прес-конференцијата на која СЈО информираше за седум нови истраги.

Таа додаде СЈО ќе поднесе и други обвинија за време на актуелниот петгодишен мандат, доколку надлежните институции изнајдат решенија што ќе го овозможат тоа.

Јанева информираше дека СЈО подготвува правилник и други акти за формирање на истражителски центар кој, како што рече, во изминатиот период веќе неформално постои и успешно функционира во рамките на ова обвинителство, а се подготвувал и правилник за примена на законот за заштита на сведоци кој е во собраниска процедура.

– Би сакала да ја информирам јавноста дека во изминатиот период се превземени предистражните предмети од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје за „Скопје 2014“, „Актор“ и за незаконска дивоградба за објектот „Космос“ и за се донесени решенија за воспоставување на наша надлежност и истите се припоени или се отворени нови предистражни постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство – рече Јанева.

Таа нагласи дека во овој период додека не биде донесено соодветно решение за членот 22 од Законот за СЈО, со кој е регулиран рокот за поднесување на обвиненија, законска обврска на СЈО е да продолжи со работа и да отвора нови предистраги и истраги.