Главна секција Јанева и Аневски следната недела ќе ја договараат динамиката за „Пуч“

Јанева и Аневски следната недела ќе ја договараат динамиката за „Пуч“

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски имаа кратка средба во врска со преземањето на списите и документацијата од предметот „Пуч“ од страна на Советот.

Ова го соопшти Аневски по завршување на средбата. Тој рече дека со Јанева разговарале околу динамиката за преземање на предметот, но беше нејасен дали Советот го бара целиот предмет или делови од него.

– Се договоривме следната недела, петмина обвинители од СЈО да имаат средба заедно со членовите на Советот на јавни обвинители и да се договорат како ќе оди постапката за разјаснување на овој случај – рече Аневски.

Прашан зошто советот го бара предметот „Пуч“, Аневски рече дека сакаат да ги утврдат причините поради кои СЈО донесе одлука да се откаже од предметот и да го повлече обвинението.

Специјалната јавна обвинителка Јанева, не сакаше да даде изјава и рече дека повеќе детали ќе соопшти следната недела.

– Немам коментар, ќе видиме следната недела – рече кратко Јанева која била иницијатор на оваа средба.