Подглавна секција Извозот на украинско жито паднал за речиси една третина во споредба со...

Извозот на украинско жито паднал за речиси една третина во споредба со лани

Трговците досега месецов експортирале 550.000 тони жито, додека лани од 1 до 7 ноември биле извезени 1,07 милиони тони жито

Photo by Ivan Bandura on Unsplash

Извозот на жито во Украина е намален за речиси една третина во споредба со минатата година, покажуваат податоците на украинското Министерство за земјоделство, а пренесува Гардијан.

Бројките покажуваат дека извозот паднал на 9,8 милиони тони досега во маркетиншката сезона 2023-2024 јули-јуни. Министерството соопшти дека до овој момент минатата година Украина извезла 14,3 милиони тони жито.

Обемот извезен оваа сезона вклучува 4,9 милиони тони пченица, 4,1 милиони тони пченка и речиси 700.000 тони јачмен. Во претходната сезона Украина експортирала 5,4 милиони тони пченица, 7,7 милиони тони пченка и 1,2 милиони тони јачмен.

Министерството за земјоделство на Украина соопшти дека трговците досега месецов експортирале 550.000 тони жито, додека лани од 1 до 7 ноември биле извезени 1,07 милиони тони жито.

Министерството не даде објаснување за падот, но трговците и синдикатите на земјоделците велат дека блокираните украински пристаништа на Црното Море и руските напади врз пристаништата на реката Дунав биле главните причини за помалиот износ.

Украина најголемиот дел од својот извоз го испорачува преку пристаништата на Црното Море. Владата очекува жетва од 79 милиони тони жито и маслодајни семиња во 2023 година, со извозен вишок од 2023-2024 од околу 50 милиони тони.

Инаку, руските напади врз Украина продолжуваат. Осум локални жители на Одеса биле повредени во ноќниот напад врз градот, објави шефот на регионалната воена управа на Одеса Олех Кипер, а пренесе Укринформ.

Во регионот на Донецк, руската армија гаѓала со артилерија и минофрлачи врз Константинивка и соседните села на заедницата Маринка, како и периферијата на заедницата Очеретине.