Македонија Извештајот за авионската несреќа бргу ќе биде готов

Извештајот за авионската несреќа бргу ќе биде готов

Увидот за денеска го завршивме. Остатоците на авионот засега остануваат на местото на несреќата, изјави за „Мета“ Зоран Илиевски, првиот човек на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.

На нашето прашање кога би можел да се очекува нивниот извештај за причините за несреќата на авионот „Цесна 210“ кој вчера попладнето се урна близу Солунска Глава, тој рече дека ќе биде готов многу пред крајниот законски рок.

– Со закон сме обврзани најдоцна за една година да го изготвиме извештајот, но очекувам тој да биде готов многу пред тоа – рече Илиевски.

МВР денеска ја потврди смртта на четирите лица што биле во авионот. Полицијата го лоцирала местото на несреќата вчера околу 19 часот, рече портпаролот на МВР, Тони Ангеловски попладнево. Авионот се урнал на околу пет километри северозападно од врвот Солунска Глава.

– Во несреќата загинаа Г.А.Б. (1970 год.), К.Ц.К.Б.(1972 год.), Г.Г.Б. (2005 год.) и Б.Г.Б. (2000 год.), сите од Република Бугарија – соопшти Ангеловски.

Георги Бошнаков, кој со сопругата и двете ќерки загина вчера откако „цесната“ со која пилотирал од Охрид за Софија падна кај Солунска Глава, бил бизнисмен што имал компанија за рециклирање отпад. Тој пред несреќата пријавил турбуленции и побарал да ја смени патеката и да слета во Скопје поради лоши временски услови, но потоа, според некои медиуми, сепак пријавил на контролата на летање дека ќе го продолжи патувањето кон Софија.

Увидот на местото на несреќата почна утрово со двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со Комитетот за воздухопловни несреќи, МВР и лица од Институтот за судска медицина.

Ова е една од неколкуте сообраќајни несреќи во земјава, а втора во која сите загинати се државјани на друга земја.