Подглавна секција Израелска рација во најголемата болница во Газа, Ал-Шифа

Израелска рација во најголемата болница во Газа, Ал-Шифа

Во рок од неколку часа од почетокот на рацијата, ИДФ извести оти имаат контрола врз болницата и дека успешно повредиле или убиле борци на Хамас

Израелски сили во Газа, 26 февруари 2024 г. | Фото: IDF Spokesperson's Unit

Израелските одбранбени сили (ИДФ) извршија рација утрово во болницата Ал-Шифа, најголемата болница во појасот Газа, во северниот главен град Газа, пренесува Гардијан. Според ИДФ, Хамас ги користи зградите на болницата како засолниште.

ИДФ ги предупреди граѓаните во близината на болницата да се евакуираат во градот Ал-Муваси, 30 километри јужно од болницата. Во рок од неколку часа од почетокот на рацијата, ИДФ извести оти имаат контрола врз болницата и дека успешно повредиле или убиле борци на Хамас.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека рацијата резултирала со пожар на влезот во болницата, поради кој се задушиле некои од жените и децата кои престојувале во болницата.

„Има жртви, вклучително и смртни случаи и повредени. Невозможно е да се спаси кого било поради интензитетот на пожарот и таргетирањето на секој што се приближува до прозорците. Израелските сили се виновни за уште едно злосторство против здравствените институции“, вели министерството за здравство во соопштение.

Овој напад не е првиот врз болницата Ал-Шифа. Истата беше нападната од ИДФ во ноември, кога израелските сили тврдеа дека Хамас ја користи болницата како воена база. Според Гардијан, доказите приложени од Израел за ова тврдење по тогашната рација не го поддржуваа тврдењето на Израел.

Инаку, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави оти меѓународниот притисок нема да го убеди Израел да не продолжи со својата стратегија, особено кога станува збор за нападот врз Рафах, каде моментално се сместени повеќе од милион жители на Газа.

„Оние кои велат дека акцијата во Рафах нема да се случи се истите оние кои рекоа дека нема да влеземе во Газа, или во Ал-Шифа или во Кан Јунис и што рекоа дека нема да ја продолжиме борбата по примирјето во ноември“, изјави Нетанјаху.