Подглавна секција Израел: Војната има фронтови во повеќе соседни земји

Израел: Војната има фронтови во повеќе соседни земји

Изјавите на израелските одбранбени сили укажуваат дека тие се подготвени војната да ескалира во регионална војна

Фото: https://www.flickr.com/people/45644610@N03, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Израел е веќе под напад од седум места, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел, известува Гардијан и додава дека седумте извори се Газа, Либан, Сирија, Западниот Брег, Ирак, Јемен и Иран.

Галант изјавил дека веќе имаат преземено мерки против шест од овие „театри“, како што тој ги нарекува.

Ирански паравоени организации се инволвирани во напади на израелски и американски бази уште од почетокот на војната на 7 октомври, кога Хамас го нападна Израел.

Изминатиот месец јеменските Хути нападнаа неколку бродови кои носеа гориво до Израел преку Црвеното Море. Ова предизвика реакција од пет од најголемите шпедитерски компании, кои го забранија пловењето на своите бродови во Црвеното море. Наместо да пловат преку Суецкиот канал, бродовите на овие компании кружат околу Африка, што ќе ги зголеми веќе големите одложувања и трошоци.

Истовремено, Либан и Израел речиси секојдневно се бомбардираат околу својата граница од почетокот на војната во Газа. Најмалку 150 луѓе се убиени во Либан, од кои 17 биле цивили, а 11 луѓе се убиени во Израел, од кои четири цивили.

Херзи Халеви, началникот на израелските одбранбени сили, изјави оти очекува војната да трае „со месеци“, сè додека не се собори Хамас.

Во напис за „Вол стрит журнал“, премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху пишува дека за мир меѓу Палестина и Израел мора да се исполнат три услови: да се уништи Хамас, да се разоружи Газа и да се дерадикализираат Палестинците. Израелскиот весник „Тајмс оф Израел“ потенцира дека не се спомнува предуслов за ослободување на заложниците заробени од Хамас.

Во Газа, Израел ја продолжува проширува својата офанзива, напаѓајќи камп за бегалци. Од Светската здравствена организација велат дека примиле повеќе од сто пациенти во рок од 30 минути, додека во исто време биле донесени уште 100 мртви тела во болницата.

Дополнително, израелските сили убиле двајца Палестинци за време на рација на камп за бегалци на Западниот Брег.

Од почетокот на конфликтот, убиени се 20.915 Палестинци, а 54.918 се повредени.