Подглавна секција Израел спаси двајца заложници, а усмрти 67 Палестинци

Израел спаси двајца заложници, а усмрти 67 Палестинци

Двајцата заложници кои биле заробени од Хамас на 7 октомври биле во добра здравствена состојба

Фото: Рафах, Bigles, CC0, Викимедија комонс

Израелското проширување на својата воена офанзива во Газа во градот Рафах резултираше со успешно ослободување на двајца од заложниците заробени од Хамас, но и со смрт на околу 67 Палестинци, јавува Би-Би-Си.

Двајцата заложници, кои биле заробени од Хамас за време на нивниот напад врз Израел на 7 октомври, се наоѓале во стан во станбена зграда во градот Рафах. Специјални сили влегле во станот вчера, додека околината била таргетирана со воздушни напади. Спасувачката мисија била резултат на долго планирање и специфични разузнавачки информации. Двата заложници биле во добра здравствена состојба.

Жителите во Рафах биле разбудени од тешко воздушно бомбардирање. Ова предизвикало општа паника, бидејќи граѓаните мислеле дека започнала копнената офанзива во градот.

Рафах, кој вообичаено има население од 150.000 жители, моментално е дом на 1,4 милион раселени Палестинци, кој отишле во Рафах откако беше означено како последното безбедно место во Газа. Покрај оваа состојба, Израел најави дека планира да започне копнена офанзива во градот – за овој план не ја добија поддршката ни од САД ни од Обединетите нации.

Американскиот претседател Џо Бајден, пак, денес ќе се сретне со Кралот на Јордан Абдулах II, за да дискутираат околу копнената офанзива во Рафах, како и ослободувањето на заложници.