Подглавна секција Израел-Хамас: Речиси секој преживеан бил сведок како умира некој друг, пред самиот...

Израел-Хамас: Речиси секој преживеан бил сведок како умира некој друг, пред самиот да биде повреден

При посетата на болницата во јужниот израелски град Ашкелон, каде што се лекуваат голем број од вкупно 4.600 повредени во нападите, д-р Тиерен од здравствената агенција на ОН во Израел рече дека „речиси секој од тие преживеани видел како некој друг умира, пред самите тие да бидат повредени“

Фото: Mohammad Abu Elsebah/dpa

По предупредувањето од главната болница во Газа на југот на енклавата дека ќе престанат да се вршат интервенции поради недостиг на гориво, следуваше апелот на шефот на Обединетите нации Антонио Гутереш за итен хуманитарен прекин на огнот.

Потребно е примирје, рече тој пред Советот за безбедност во вторникот, за да се олесни епското страдање, да се направи испораката на помош полесна и побезбедна и да се олесни ослободувањето на заложниците.

Тој рече дека иако ништо не може да ги оправда ужасните напади на Хамас од 7 октомври, важно е да се признае дека тие „не се случиле во вакуум“ и не го оправдуваат колективното казнување на Палестинците.

Вчера, палестинската агенција на ОН за бегалци (UNRWA) соопшти дека во изминатите 24 часа биле убиени уште тројца членови на персоналот во болницата, додека трае израелското бомбардирање низ Газа, со што вкупниот број достигна 38 од почетокот на воената опсада.

„Траумата на преживеаните и колективниот психолошки товар од заложничката криза во која над 220 Израелци и странски државјани се заробени во Газа, направи експлозија од потреба за грижа за менталното здравје“, изјави специјалниот претставник на здравствената агенција на ОН во Израел, д-р Мишел Тиерен.

При посетата на болницата во јужниот израелски град Ашкелон, каде што се лекуваат голем број од вкупно 4.600 повредени во нападите, д-р Тиерен рече дека „речиси секој од тие преживеани видел како некој друг умира, пред самите тие да бидат повредени“.

Претседателот на САД Џо Бајден вчера рече дека нема враќање на „статус кво“ во Израел и регионот по смртоносниот напад на Хамас на 7 октомври, пренесе Асошиејтед Прес.

Тој, исто така, рече дека ја удвојува својата посветеност да работи на решение со двете држави за ставање крај на повеќедеценискиот израелско-палестински конфликт.

Бајден повторно изјави дека верува оти Израелците имаат право, односно одговорност, да одговорат на нападот.

„Гневот, болката, чувството на бес што го чувствува израелскиот народ по нападот е „целосно разбирливо“, рече тој.

Но, тој, исто така, ги осуди нападите врз Палестинците од страна на израелските доселеници на Западниот Брег и рече дека тоа мора да престане и „да престане сега“, потенцирајќи дека останува фокусиран на хуманитарната помош во Газа.

Повеќе од половина од околу 220 заложници кои ги држи палестинската група Хамас имаат странски пасоши од 25 различни земји, вклучително и 54 тајландски државјани, соопшти вчера израелската влада, пренесе Ројтерс.

Во обезбедувањето ажурирани бројки, владата, исто така, објави дека 328 лица од 40 земји биле потврдени како мртви или исчезнати по ненадејниот напад на 7 октомври од страна на милитантите на Хамас врз јужен Израел. Вкупно, беа убиени 1.400 луѓе.