Подглавна секција Измама: „Пандора“ не доделува нараквици за 123 денари

Измама: „Пандора“ не доделува нараквици за 123 денари

Опасноста освен во тоа што ќе платите за нешто што нема да го добиете, е и во тоа што не знаете потоа како ќе ви бидат искористени или (зло)употребени личните и банкарските податоци

Фото: Исечок од рецензираниот Фејсбук пост

Фејсбук страницата „Пандора јувелирници“ првпат почнува да објавува фотографии од накит на „Пандора“, на 18 мај годинава,  иако овој бренд е присутен на македонскиот пазар од поодамна. Тоа е првиот знак дека Фејсбук страницата од која се споделува „неверојатната понуда“ е неверодостојна, но, има и други показатели: во делот за адресата користени се букви кои не се од македонската кирилична азбука, оставен е мобилен телефонски број кој е исклучен… Исто така, самите продавници на „Пандора“ немаат истакнато никакво известување дека даваат белегзии за 123 денари, што е доволен сигнал дека оваа понуда не е нивна, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Само до крајот на мај, придружете се на нашиот квиз и натпреварувајте се за шанса да освоите нараквица Пандора за симболична цена од само 123MKD! Детални информации.

Во склоп на постот објавена е фотографија од излог со белегзии на брендот „Пандора“ и на фотографијата има поставено знак со цена од 123 денари. Постот е објавен од Фејсбук страница под име „Пандора јувелирници“.

Самата Фејсбук страница првпат почнува да објавува фотографии од накит на „Пандора“, на 18 мај годинава. Претходно нема никакви активности на оваа Фејсбук страница, иако брендот „Пандора“ е присутен на македонскиот пазар од поодамна. Тоа е првиот знак дека Фејсбук страницата од која се споделува „неверојатната понуда“ е неверодостојна, односно не е официјална страница на „Пандора“.

Но, има и други показатели кои сугерираат дека се работи за невистинита страница, како на пример во делот за адресата, користени се букви кои не се од македонската кирилична азбука. Оставен е мобилен телефонски број кој е исклучен.

Продавница на „Пандора“ навистина има во Сити Мол, како што пишува во адресата, ама во конкретниот случај станува збор за злоупотреба на брендот. Самите продавници на „Пандора“ немаат истакнато никакво известување дека наводно даваат белегзии за 123 денари, што е доволен показател дека оваа понуда не е нивна.

Она кое дефинитивно потврдува дека станува збор за неверодостојна наградна игра, односно понуда, е тоа што се тврди дека „Пандора“ престанала да произведува белегзии со механизам за затворање срце. Ова е невистина, белегзии на „Пандора“ со механизам за затворање срце и понатаму се произведуваат и се продаваат.

Кога ќе се пристапи до „неверојатната понуда“ од корисниците се бара да одговорат на анкета со три прашања „за да потврдат дека се човек“: Дали имате купено производи од „Пандора“? За кого е белегзијата? Изберете големина.

Потоа корисникот е воден до поле во кое му се укажува дека „успешно потврдил дека е личност“ и „сега треба да пополни полиња за наплата на испораката на белегзијата“.

Никогаш не оставајте лични податоци и не плаќајте за да добиете награда. Во последно време, на социјалната мрежа Фејсбук со злоупотреба на брендови на познати продавачи, со злоупотреба на нивните бренд, лого, фотографии и имиџ, се измамуваат граѓани да уплаќаат суми на пари за да „добијат награда“ нешто што не е официјално спонзорирано од страна на овие брендови, ниту пак, тие имаат учество во наградните игри.

Опасноста освен во тоа што ќе платите за нешто што нема да го добиете, е и во тоа што не знаете потоа како ќе ви бидат искористени или (зло)употребени личните и банкарските податоци.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.