Дописници Изложба на икони во Рим по повод манифестацијата „Македонија во чест на...

Изложба на икони во Рим по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“

Во организација на Националната установа „Завод и музеј” од Охрид, утре во Рим, во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ и по повод одбележувањето на Денот на светите браќа, сесловенските просветители Кирил и Методиј, свечено ќе биде отворена изложба „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност”.

Експонатите ќе бидат изложени во просториите на понтификалниот универзитет „Урбанијана“ во Рим.

– Ќе бидат презентирани 18 фреско-копии со ликот на Св. Климент Охридски од црквите во Македонија, Србија и Косово, 5 икони од 13. и 14. век, како и 15 фотографии од цркви каде што се чуваат или во одредени историски периоди престојувале неговите мошти. Потоа, фотографии од неговиот гроб и моштите, но и фотографии на современи монументални споменици кои се одраз на силината на култот на светителот кој и денес претставува инспирација на современите ликовни творци. Изложбата се организира во рамките на традиционалната манифестација “Македонија во чест на св. Кирил” што годинава по 48 пат ќе се одржи во вечниот град, а посветена е токму на нашиот патрон Св. Климент Охридски, како најпроминентен ученик на сесловенските просветители, а во знак на одбележување на два исклучително значајни јубилеи – 1.130-годишнината од доаѓањето на Св. Климент во Охрид и 1.100-годишнината од неговото упокојување – вели Милчо Георгиески од „Завод и Музеј” во Охрид.