Главна секција Иванов: Тајните архиви на Ватикан ќе бидат отворени за македонските истражувачи

Иванов: Тајните архиви на Ватикан ќе бидат отворени за македонските истражувачи

Тајните архиви на Ватикан да бидат отворени за македонските истражувачи, договорил денеска претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на 40-минутната средба со папата Франциск во Ватикан.

– Конечно, тајните архиви на Ватикан се отворени за нашите истражувачи. Значи, во најскоро време двајца наши истражувачи можат да дојдат, да го истражуваат сето она што досега не ни било достапно – изјави Иванов по средбата со папата Франциск во Ватикан.

Тој информираше дека разговарале за многу прашања од заемен интерес, актуелни кај нас, но и во Европа и во светот.

– Извонредна посета исполнета со многу прашања од заемен интерес. Со папата разговаравме и за прашања кои се актуелни како кај нас, но и во Европа и во светот, оти неговата улога во денешно време, кога цивилизацијата се соочува со бројни предизвици, е тој, како личност, да настојува да се продлабочи мирот и да се шири идејата за она што е вредност негувана во христијанството и во другите религии – рече Иванов.

Тие разговарале и за актуелната состојбата со мигрантите и со бегалците и за начинот на кој досега се реагираше за да се излезе во пресрет на сите тие луѓе. Станало збор и за прашањето за името и од каде потекнуваат сите наши блокади и отворени прашања.

– Пројавениот интерес лично од страна на папата и за прашањето за името и за актуелните состојби кај нас и во регионот, кажува дека ги следи сите настани и е заинтересиран каде што може да придонесе – изјави Иванов.