Македонија Иванов се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер

Иванов се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, денеска со сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, кому му укажа благодарност за поддршката што ОБСЕ ја дава во повеќе области, особено во владеење на правото, изборниот процес и законодавство, полицијата, судството и во унапредувањето на меѓуетничките односи.

Иванов и Заниер разговарале и за исполнувањето на политичкиот договор од јуни, односно јули и за тековните активности што се преземаат за организирање на престојните предвремени парламентарни избори, при што од особено значење е и улогата на ОБСЕ во обезбедувањето на фер и демократски слободни избори.

„Во однос на актуелните предизвици со мигрантската и бегалска криза, македонскиот претседател истакна дека дозвола за влез и за транзит низ Република Македонија добиваат само лица на кои им е потребна меѓународна заштита, бегалци од Сирија, Ирак и од Авганистан. Претседателот Иванов нагласи дека за навремено и адекватно справување со заканата од илегална миграција е потребно распоредување на Фронтекс на грчко-македонската граница, како и интензивирање на координацијата и на комуникацијата со грчката полиција и служба“, информираат од кабинетот на Иванов.