Македонија Иванов ќе го прими Туск в понеделник

Иванов ќе го прими Туск в понеделник

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во понеделник ќе го прими претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој доаѓа во посета на земјава, потврдиле за државната новинската агенција МИА од кабинетот на Иванов.

Посетата на Туск на Македонија е дел од неговата балканска турнеја, на која, меѓу другото, ќе се разговара за имплементирањето на навремениот одговор на ЕУ на мигрантската криза во Источниот Медитеран. Во однос на посетата на Македонија, како што потврдија од неговиот кабинет за „Мета“, Туск ќе пренесе порака од Европскиот совет за европските перспективи на целиот регион, а со претседателот Иванов ќе разговара и за ситуацијата во Македонија.

Инаку, Иванов пред десетина дена ја откажа средбата со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, наводно поради посетата на Унгарија, и својот термин за средба со еврокомесарот им го отстапи на претставниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.