Македонија Иванов и Попоски ќе присуствуваат на годинешното Генерално собрание на ОН

Иванов и Попоски ќе присуствуваат на годинешното Генерално собрание на ОН

Делегацијата на Македонија на Генералното собрание на ОН годинава ќе биде предводена од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Иванов ќе има обраќање на генералната дебата на 71. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации на тема „Одржливи развојни цели: Универзален притисок за трансформирање на нашиот свет“.

Тој ќе се обрати и на пленарната сесија на состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации, посветена на големите движења на бегалци и на мигранти.

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е Иванов да се сретне со Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.

Во делегацијата на 71. Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк од 18 до 23 септември, ќе учествува и заменик-претседателот на владата и министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Од Министерството за надворешни работи соопштуваат дека во рамки на престојот во Њујорк, Попоски ќе се обрати на бројни состаноци на министерско ниво, организирани како во рамките, така и на маргините на 71. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

За време на настанот, Попоски ќе има и бројни билатерални средби.