Македонија Иванов: Армиите на Македонија и на Египет се во слична позиција и...

Иванов: Армиите на Македонија и на Египет се во слична позиција и мора да соработуваат

Неопходна е соработка на нашите безбедносни и армиски сили со Египет, која и досега е извонредна, оценува претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој е во работна посета на Египет, каде учествува на меѓународниот форум посветен на безбедноста во време на екстремизам и на насилство.

Според Иванов, армиите на двете држави се во слична позиција и ја имаат клучната улога во справувањето со илегалната миграција

– Досега имаме навистина исклучителна соработка во сферата на безбедноста, затоа што разменуваме информации и искуства во врска со заканите што ги имаме и Египет и ние. Египет, во неговото опкружување, има закани од илегална миграција, нивната армија е на нивната јужна граница, каде ја чува долината на Нил од Рогот на Африка, каде милиони луѓе се поттикнати да одат кон Европа. Нивната армија има улога каква што има и нашата армија. Како што нашата армија е на нашата јужна граница и го чува коридорот низ долината на реката Вардар, така и нивната армија е во слична позиција – вели Иванов.

Македонскиот претседател вели дека според извештаите на ОН, бројот на жители во Африка постојано ќе се зголемува и дека со заканите од миграција ќе се соочуваме и во идните години и децении.

– Состојбите во Африка сè уште не се стабилизираат и тоа ќе поттикне многу млади луѓе да одат во потрага по среќа, односно ќе се упатуваат кон Европа. Македонија како земја ќе продолжи да учествува на вакви форуми и да дава свој придонес, со тоа што ние го имаме како искуство во справувањето со илегалната миграција и со заканите од екстремни и терористички групи – порачува Иванов.