Свет Европа Итен состанок на лидерите на ЕУ по Брексит

Итен состанок на лидерите на ЕУ по Брексит

Лидерите на Европската Унија денеска во Брисел ќе одржат вонреден состанок по одлуката на британските гласачи Велика Британија да ја напушти Унијата. Европската комисија, исто така, за денеска закажа вонредна седница.

Средбата ја свикал претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, а не неа ќе присуствуваат претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на Европарламентот, Мартин Шулц, како и холандскиот премиер Марк Руте, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

– Лидерите на ЕУ ќе разговараат за тоа што да се преземе по шокантната одлука – соопшти неименуван евродипломат, додавајќи дека високите претставници на ЕУ ќе ја „усогласуваат заедничката европска позиција по резултатите од британскиот референдум“.

Утре наутро на покана на министерот за надворешни работи на Германија, Франк Валтер Штајнмаер, средба во Берлин ќе имаат и министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ. Ова на „Твитер“ го соопшти германското Министерство за надворешни работи.