Македонија Истекува рокот пратениците да се изјаснат за учество во кампањата за референдумот

Истекува рокот пратениците да се изјаснат за учество во кампањата за референдумот

Денеска е последен ден од рокот што претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери во петокот го достави до пратеничките групи во кое треба да одговорат дали ќе учествуваат во јавната пропаганда за референдумот и каква кампања ќе водат, односно дали ќе бидат „за“ или „против“ референдумското прашање.

Талат Џафери изутринава ќе има средба со координаторите на пратеничките групи, на која освен за интензивните активности на Парламентот, треба да стане збор и за кампањата за референдумот на 30 септември.

Во кампањата „за“ референдумското прашање ќе учествуваат партиите од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ, но и БЕСА, ДПА и Алијансата на Албанците. Засега само ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во кампањата за референдумот. Од партијата посочија дека се откажуваат од парите, и дека најверојатно во среда ќе испратат официјален допис до претседателот на Собранието Џафери.

Владата претходно донесе одлука да му се обезбедат средства на Парламентот во висина од 80 милиони денари.