Македонија Испад на далекувод и пожар се причините зошто сношти Скопје немаше струја

Испад на далекувод и пожар се причините зошто сношти Скопје немаше струја

Фото: АД МЕПСО

Испад на далекуводот од ТС Скопје 4 кон ТС Бунарџик и пожар во близина на трансформаторската станица, беше причина за прекин на снабдувањето со електрична енергија во поголем дел од Скопје, делови од Велес и Овче Поле. Овие два фактори го условија испаѓањето од погон на двата 400/110 кV трансформатори, а со тоа и испадот на целата трафостаница Скопје 4 во населбата Пинтија, соопштија од АД МЕПСО

„Диспечерите на АД МЕПСО во најбрз може рок воспоставија напон во најголем дел од населените места и таму е нормализирано снабдувањeто со електрична енергија. Дефектите се изолирани и се работи на нивно отстранување“, наведено е во официјалното соопштение.

Од АД ЕСМ велат дека производството на електрична енергија од АД ЕСМ тече според предвидениот план за производство и согласно номинациите на ЕВН и другите потреби.

„Работат два блока во РЕК Битола, гасната електрана Енергетика во Скопје, еден котел во ТЕЦ Неготин, хидроелектраните според потребите и се презема и електричната енергија од ТЕ-ТО, согласно важечкиот договор. Нема никаков застој во производството и електраните се подготвени во секој момент да испорачаат потребни количини енергија во системот“, наведоа од таму.

Што се однесува до сстемот за парно греење во Скопје, од АД ЕСМ велат дека прекинот настанал поради прекинот на електрична енергија која е неопходна за работа на пумпите во топланите и на пумпите во зградите. Пумпите автоматски се вклучуваат при обновен доток на електрична енергија и е потребно извесно време за нивно подигање.

Од ЕСМ нагласија дека во зградите коишто се постари и со постар тип на топлотни пумпи, вклучувањето ќе се изврши рачно од страна на стручни лица.