Свет Европа Исламска држава се заканува со нови напади во Шпанија

Исламска држава се заканува со нови напади во Шпанија

Милитантната организација Исламска држава објави снимка на шпански јазик во која се заканува со „одмазда“ за осумте терористи кои се убиени за време на минатонеделните напади во Барселона и Камбрилс.

Видеото е објавено синоќа, шест дена по нападите за кои ИД презеде одговорност, а во кои загинаа 15, а ранети се повеќе од 100 лица.

На снимката еден борец на ИД, кој се претставил како „Ал куртаби“, на шпански вели: „Ние ќе се одмаздиме за масакрот кој го извршивте, за тоа што сега и го правите на Исламска држава“, пренесува шпанскиот весник „Ел Паис“.

На снимката се споменува некогашното муслиманско кралство Шпанија, кое Шпанците го вратиле под своја власт во 1492 година.

„Со волја на Алах, Ал-Андалус повторно ќе стане тоа што некогаш беше – кралство на Калифатот – се наведува на снимката и се повикуваат муслиманите „да не ја заборават крвта која ја пролеала инквизицијата“.

Шпанија во моментов се наоѓа на четврто од вкупно пет нивоа на опасност од можни терористички напади, иако по нападите во Барселона и Камбрилс зголемени се мерките за безбедност.