Свет Европа Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Ансбах

Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Ансбах

Новинската агенција на Исламска држава „Амак“ соопшти дека нападот во близина на музичкиот фестивал во германскиот град Ансбах го извел борец на ИД.

„Тој го изведе нападот како одговор на повикот да се вршат напади во земјите што ја сочинуваат коалицијата против Исламска држава“, соопшти агенцијата „Амак“.

Во телефонот на Сириецот Мохамед Д., кој го изврши самоубиствениот терористички напад во Ансбах, пронајдена е видеоснимка на која се гледа како тој изразува лојалност на лидерот на ИД, Абу Бакр ал-Багдади, соопшти министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоахим Херман.

Тој наведе дека преводот од видеоснимката, во која Сириецот говори арапски, покажува дека тој го најавил „нападот од омраза“, против Германија, „затоа што таа застанала на патот на исламот“.

Херман додаде дека од снимката може да се заклучи дека бомбашкиот напад во кој беа повредени 12 лица бил „терористички напад“.

Во домот на 27-годишниот Мохамед Д. пронајдени се и видеоснимки во кои се прикажува насилство, како и материјали за правење бомби.