Свет Иранските власти ги повикаа граѓаните да не учествуваат во „илегалните собири“

Иранските власти ги повикаа граѓаните да не учествуваат во „илегалните собири“

Иранскиот министер за внатрешни работи, Абдолреза Рахмани Фазли денеска ги повика граѓаните на земјата да не учествуваат во „илегалните собири“, откако изминатите два дена во десетина градови во земјата се одржаа антивладини протести, јавуваат светските медиуми.

Тој порача дека доколку луѓето сакаат да организираат собири треба да поднесат барање и да добијат дозвола, додавјќи оти добил информации дека имало повици преку социјалните мрежи за организирање и учество на собирите.

Како што пренесува „Би-би-си“ повеќемина луѓе биле уапсени за време на протести, и дека помали групи продолжуваат со собирите во Техеран и во други градови.

Иранските власти ги обвинуваат „контрареволуционерите“ и агенти на странски сили за избувнувањето на антивладините протести.

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа го предупреди Иран дека светот го гледа одговорот на властите на протестите.

Во Техеран и во другите ирански градови денеска се одржуваат провладини собири, на кои се насобрани повеќе илјади луѓе.