Подглавна секција Иран изврши напади врз Пакистан, загинале и деца

Иран изврши напади врз Пакистан, загинале и деца

Пакистан нападите ги нарече „незаконски чин“ и предупреди дека може да доведат до сериозни последици

Fars Media Corporation, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Две деца биле убиени, а три други повредени во вчерашните напади на Иран, соопшти Пакистан, откако стана третата земја која неделава е цел на напади од Техеран.

Иран соопшти дека погодил две локации поврзани со милитантната група Џаиш ал-Адл, според новинската агенција поврзана со иранската војска, а пренесува Би-би-си.

Пакистан ова го нарече „незаконски чин“ и предупреди дека може да доведе до сериозни последици.

Иран оваа недела нападна и локации во Ирак и Сирија, а за нападите рече дека биле поради казнување на оние што ја нарушуваат нејзината безбедност.

Во ракетниот напад врз Пакистан било погодено село во југозападната провинција Балохистан.

Иранските напади доаѓаат во време на засилени тензии низ Блискиот Исток откако на 7 октомври започна војната во Појасот Газа меѓу Израел и палестинската група Хамас поддржана од Иран. Иран изјави дека не сака да се вклучи во поширок конфликт, но групите во неговата таканаречена „оска на отпорот“ вршат напади врз Израел и неговите сојузници за да покажат солидарност со Палестинците.