Македонија Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ прерасна во универзитетска клиника

Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ прерасна во универзитетска клиника

Премиерот Ковачевски посочи дека оваа јавна здравствена установа повеќе од 70 години претставува симбол на професионална здравствена нега и грижа за децата

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје прераснува во Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле – Скопје, чијашто дејност се проширува со вршење специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изведување образовна дејност, вршење усовршување на здравствените работници и научно- истражувачка дејност.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод промената на дејноста, видот и називот на институцијата. Тој посочи дека ваквата измена е направена со владина одлука.

„Вештините и искуството на здравствените работници во оваа клиника која е препознаена како регионален лидер во областа на педијатриската пулмологија и алергологија, низ годините и децениите покажаа што значи со посветеност и пожртвуваност да се помага на болните деца, на изнемоштените, на најмалите, на нашите најсакани, на оние кои надежта ја бараат во медицинскиот персонал кој е дел од оваа установа“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека оваа јавна здравствена установа повеќе од 70 години претставува симбол на професионална здравствена нега и грижа за децата.