Главна секција Институциите исполниле само 10 отсто од предвидените активности за борба против корупцијата

Институциите исполниле само 10 отсто од предвидените активности за борба против корупцијата

На денешната седница на комисијата, членовите на Антикорупциската изразија разочараност од начинот на кој се имплементира Националната стратегија, процес кој сега е под опсервација и на Европската комисија

Фото: Sharon McCutcheon on Unsplash

Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2021-2025) очигледно постои само на хартија. Иако самите институции задаваат свои рокови до кога треба да имплементираат одредени активности за да се спречи корупцијата и судирот на интереси, тие не ги реализираат.

Според она што беше соопштено на денешната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која е должна да ја следи имплементацијата на Стратегијата и да го информира Собранието, државните институции реализирале само 10 отсто од активностите кои биле предвидени за 2022 година. Во 2021 година, пак, биле реализирани 20 отсто од активностите, што значи дека процентот на реализација од година во година се намалува.

На денешната седница на комисијата, членовите на Антикорупциската изразија разочараност од начинот на кој се имплементира Националната стратегија, процес кој сега е под опсервација и на Европската комисија. Годишниот извештај за процесот на реализација на активностите кои се однесуваат на спречувањето на корупцијата Антикорупциската комисија ќе го достави до Собранието, а за јавноста ќе биде достапен во текот на утрешниот ден.

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, рече дека од планираните активности, реализирани се 10 проценти, 55 проценти воопшто не се реализирани, а останатите се во тек.

„Во пет сектори, две години по ред не се реализирала ниту една активност. Станува збор за животна средина, спорт, социјала, урбанизам и здравство. Зошто се случува сето ова? Сметам дека станува збор за непосветеност на институциите и честото менување на раководните структури, кои често со себе си носат цели кабинети кои потоа си одат. Нам ни треба стручна администрација за да нема дисконтинуитет во имплементацијата на активностите, а неопходен е и силен механизам за контрола“, рече Ивановска.

И останатите членови на комисијата се изјаснија дека се загрижени од овој тренд и незаинтересираноста на институциите да имплементираат во својата работа правно обврзувачки документ, како што е Националната стратегија.

Иако извештајот ќе се најде пред Собранието, претседателката на ДКСК рече дека и самото Собрание не си ги почитува своите препораки во однос на борбата против корупција. Како пример таа го наведе донесувањето на законите по скратена постапка, кое Собранието се обврзало да ги сведе на минимум. Наместо тоа, во 2022 година, Собранието не само што не ги свело на минимум, туку и го зголемило бројот на закони донесени по скратена постапка.

Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2021-2025) беше донесена на 10 декември 2020 година, врз основа на претходно утврдена методологија и спроведена анализа на ризиците од корупција, а во консултации со учество на претставници од јавниот и приватниот сектор, медиумите,
граѓанските здруженија и фондации, експерти и претставници од релевантните меѓународни организации. Собранието ја усвои Стратегијата на 18 април 2021 година.

Документот содржи две хоризонтални области – јавни набавки и вработувања. Во делот за вработувања, на пример, се предвидува изработка на функционална анализа во субјектите од јавниот сектор, соодветното дефинирање на видот на образование за конкретно работно место во актите за систематизација, зголемување на транспарентноста при вработувањата во јавниот сектор, оптимизирање на бројот на членови во надзорни и управни одбори во јавните претпријатија и акционерските друштва итн.

Во делот на јавните набавки, пак, со цел спречување на корупцијата, се предвидува зајакнување на капацитетите на лицата кои ја подготвуваат тендерската документација, зголемување на институционалниот интегритет и транспарентност во јавните набавки и други мерки кои би спречиле евентуални коруптивни дејствија.

Составен дел на Стратегијата е Aкциониот план за нејзино спроведување, во кој детално се разработени проблемите и мерките по активности и индикатори, кои се систематизирани во 13 ранливи сектори, и тоа политички систем, правосудство, органи за спроведување на законот, здравство, образование, труд и социјална политика, урбанизам и просторно планирање, животна средина, земјоделство, спорт, економија и бизнис, јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на државата и локалната самоуправа, медиуми и граѓанско општество.