Свет Балкан Инстант гласање во грчкиот парламент за ново зголемување даноци

Инстант гласање во грчкиот парламент за ново зголемување даноци

Две недели по изгласување на пакетот мерки од 5,4 милијарди евра, грчката влада пред собранието викендов ќе донесе нов помал пакет мерки и закони што треба да бидат усвоени пред состанокот на еврогрупата на 24 мај.

В сабота и в недела во собранието ќе се дискутира и ќе се гласа за мерки со кои ќе се зацементираат новите зголемени даночни стапки и ќе се одобри автоматскиот механизам за запирање на финансирањето на државниот сектор, кој ќе се активира ако Грција не ги исполнува договорените цели и реформи.

Речиси извесно е дека пакетот и механизмот ќе поминат со поддршка на сите пратеници од владејачката коалиција СИРИЗА – Независни Грци, кои едногласно, без проблеми го поддржа и претходниот пакет пензиски и даночни реформи.

Доколку биде исгласан пакетот и успешно се завршат разговорите со тројката, Грција се надева следната недела од европските министри за финансии да добие зелено светло за исплаќање нова рата од европската финансиска помош за државата.