Дописници Инспекции во општините со кои раководат кадри на ДУИ

Инспекции во општините со кои раководат кадри на ДУИ

Инспекциски контроли во сите канцеларии на Општина Тетово извршил утринава трудовиот инспекторат при Министерството за труд и социјална политика. Оваа информација за „Мета“ ја потврдија од Општина Тетово. Според наши извори, се контролирало дали се почитува законот за забрана за пушење.

Според записникот на трудовиот инспекторат, во ниту една од општинските канцеларии не е затекнато лице кое пуши. Но, во некои канцеларии немало знаци за забрана за пушење. Инспекторите им наложиле на градските власти во рок од седум дена да го отстранат тој недостаток и да постават вакви знаци во сите канцеларии.

Портпаролот на Општина Тетово, Арди Исмаили, вели дека контролата не била најавена. Иако инспекторите рекле дека контролите се редовни, во нивните записници напишале дека извршиле вонредни контролни активности.

Вакви контролни активности се најавени во Општина Чаир, а финансиска полиција неодамна ја посети и Општина Гостивар.

Со општините Тетово, Гостивар и Чаир раководат кадри на ДУИ, кои како потпретседатели на оваа партија, неофицијално не се согласуваа да продолжи коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.