Свет Европа Имигрантите во Белгија ќе плаќаат право на престој

Имигрантите во Белгија ќе плаќаат право на престој

Оваа мерка ја најавил државниот секретар за азил и миграција на новата белгиска влада, Тео Франкен

Државниот секретар за азил и за миграција на новата белгиска влада, Тео Франкен, најави дека се подготвува нов закон, според кој, новите имигранти – студенти, работници, или роднини на членови на семејства веќе етаблирани во Белгија – наскоро ќе плаќаат право на престој доколку сакаат да емигрираат во оваа држава.

Франкен ова го најави во интервју за белгискиот печат и додаде дека точните суми сè уште не се утврдени, но дека сака „набргу да се спроведе оваа мерка“.

Сепак, предвидени се исклучоци кон оваа мерка за политички азиланти, граѓани на ЕУ и нивните семејства, како и медицински регуларизации, најави Франкен.

Тео Франкен е член на националистичката фламанска партија, која дојде на власт на 11 октомври во коалиција со либералите и со демохристијаните.

Франкен го следат многу контроверзии во јавноста, пред сè за расистички и за хомофобични изјави.

Т.М.