Македонија Имаме највисока стапка на вакцинација споредено со многу земји во регионот, вели...

Имаме највисока стапка на вакцинација споредено со многу земји во регионот, вели Филипче

Фото: Влада на РСМ

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека во овој момент имаме највисока стапка на вакцинација споредено со многу земји во регионот, па дури и во овој дел на Европа.

„Искрено верувам дека така и ќе продолжиме. Изминатава недела имаме прилично висок процент за вакцинација што сметам дека е многу добро и се надевам дека така и ќе продолжи,“ рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Битола.

Тој додаде дека ќе се размислува за мерки од септември кои ќе се однесуваат на невакцинираните, бидејќи „не можеме да живееме ниту затворени, ниту со рестрикции, ниту да трпи повеќе економијата посебно сега кога има вакцина на располагање.“

Филипче најави дека секој понеделник стигнуваат меѓу 20 и 30.000 вакцини и тоа е комбинација од директниот договор со компанијата „Фајзер“ и помошта што стигнува преку земјите членки на ЕУ.

Филипче потенцира дека за третиот и четвртиот квартал само од директниот договор вкупно треба да стигнат 700.000 вакцини „Фајзер“, што, според него, е сосема доволно и во овој момент има доволно вакцини.

Во однос на почнување на школската година, министерот за здравство додаде дека ако епидемиолошката ситуација е како што е сега, сите ученици ќе почнат со физичко присуство без рестрикција во одделенијата или бројката во училници, за што постојат протоколи – проветрување, начин на седење, менување на училниците за предметната настава.