Дописници Илјадници тони отпад се истураат и се депонираат на нова локација во...

Илјадници тони отпад се истураат и се депонираат на нова локација во Тетово

Големи количества отпад деновиве се истурени над надвозникот на влезот од Тетово. Оваа локација сега Јавното комунално претпријатие Тетово ја користи за претовар на сметот, откако жители од тетовската населба Деребој блокираа дел од дивата депонија и кажаа дека нема да дозволат на оваа локација да се претовара и да се истура ѓубре. Сега планините од отпад се поблиску до домовите на тетовци, кои остро реагираа на ваквата нова состојба.

– Ова е катастрофа! Не можевме прозорец да отвориме од дивата депонија, а сега ѓубрето полека почна да ни влегува и во домовите. Не ни останува ништо друго освен да се отселиме од градов – изјави жител на Тетово.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово велат дека се преземаат мерки и дека најдоцна од наредниот месец тетовскиот отпад ќе почне да се претовара по сите стандарди надвор од градот. Според претпријатието, пред да се транспортира сметот во скопската депонија Дрисла, ќе се истура и ќе се претовара во специјални контејнери.

Вакви ветувања се дадени повеќепати, но на терен проблемот со комуналниот смет сè уште не е решен.