Дописници Илјадници тони отпад наталожени во тетовската претоварна станица за смет

Илјадници тони отпад наталожени во тетовската претоварна станица за смет

На претоварната станица за комунален смет на Јавното комунално претпријатие Тетово, деновиве се наталожени илјадници тони отпад. Здравствените експерти предупредуваат дека ваквата состојба е загрижувачка, со оглед дека отпадот се депонира на локација која се наоѓа на влезот од градот, загадувајќи ги воздухот и подземните води.

– Таму се создаваат канцерогени материи од прв ред, од типот на диоксините и фураните. Исто така, таму има индустриски објекти кои, според наши сознанија, имаат индивидуални водоснабдителни објекти, чешми со сопствени извори или бунар. Колку подолго е депониран отпадот на таа локација, толку е поголема опасноста од загадувањето на подземните води во тој реон – изјави дoктор Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија и хигиена во Центарот за јавно здравје – Тетово.

Од Општина Тетово велат дека во наредните денови ќе се реши проблемот.

„Поради празниците, но и посложената процедурата за носење ѓубре во скопската депонија Дрисла, на претоварната станица се наталожи поголемо количество смет. Уверуваме дека во наредните денови сметот од претоварната станица ќе биде пренесен во Дрисла“, велат од Општина Тетово.

Проблемот со тетовскиот отпад настана пред околу два месеци, кога жители од гостиварските села со блокади не дозволија да се транспортира тетовскиот отпад до регионалната депонија Русино.