Свет Балкан Илир Мета од Медвеѓа најави нова епоха на соработка меѓу Албанија и...

Илир Мета од Медвеѓа најави нова епоха на соработка меѓу Албанија и Србија

Моето доаѓање во Медвеѓа е јасна порака дека сме за соработка, изјави претседателот на Албанија, Илир Мета, за време на неговата неофицијална посета на оваа општина на југот на Србија, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

– Се наоѓаме во нова епоха на соработка меѓу Србија и Албанија. Нашата заложба е да зајакнеме на патот кон Европа – изјавил Мета за медиумите пред почетокот на неформалната средба со претседателот на општината, Небојша Арсиќ, и со советниците во општината.

Делегацијата на албанскиот претседател, кој, како што е најавено, е во приватна посета на општината, ја пречекал шефот на координативното тело за Прешево, Медвеѓа и Бујановац, Зоран Станковиќ.

Прашан зошто претседателот на Албанија доаѓа во приватна посета на Медвеѓа, Мета рекол дека тој детаљ нема големо значење, додавајќи дека за утре бил повикан во посета на Гњилане и дека одлучил еден ден порано да ја посета Медвеѓа што му било одамнешна желба.

Шефот на координативното тело за југот на Србија, Зоран Станковиќ, за медиумите изјавил дека доаѓањето на Мета е договорено во соработка со Амбасадата на Србија во Тирана и дека албанската страна изразила желба тоа да биде неформална посета.

– Точно е дека нивото за еден претседател е да го пречека претседателот на државата, но, откако тој изрази желба тоа да биде приватна посета, надлежните државни органи ме одредија да бидам негов домаќин – изјавил Станковиќ, кој додал дека една од темите на средбата ќе биде прашањето за учебниците на албански јазик, но и други теми кои се однесуваат на албанската заедница во Србија.