Дописници Илиевска со пародија за Талески на седницата на Советот на Општина Битола

Илиевска со пародија за Талески на седницата на Советот на Општина Битола

Со плакат со ликот на битолскиот градоначалник Владимир Талески и со натпис „Симбол за демократија и чесност“, советничката од ВМРО-НП, Габриела Илиевска, на денешната седница на Советот на Општината направи пародија за работата на градоначалникот.

Советот денеска требаше да одлучува за тоа каде да се постават плакати за предвремените парламентарни избори и како да се користат месните заедници.

Плакатот што Илиевска бара да биде поставен на 12 локации во Битола

Илиевска побара промена на дневниот ред на седницата со предлог да се најде место за поставување на уште 12 плакати на локации низ градот, во пресрет на предвремените парламентарниот избори на 11 декември.

Илиевска рече дека дванаесетте плакати се симболика за годините што Талески ги помина во градоначалничката фотелја.

– Еве го ликот и делото на најчесниот битолчанец, ова е ликот на ДПМНЕ, затоа да им помогнеме на битолчани да го одберат вистинскиот – рече Илиевска.

Говорејќи од советничката говорница, таа образложи дека граѓаните на Битола треба да имаат пристап до она што се нуди како избор.

– Затоа предлагам измена на дневниот ред со следната точка, која гласи одлука за обележување на 12 места резервирани за овој плакат, на кој е Владимир Талески. По еден за секоја година помината на чело со симболот на чесноста и на демократијата во Битола. За да не згрешат битолчани и да имаат јасна слика за тоа кој треба да биде избран – рече Илиевска.

Советниците од власта не го прифатија предлогот за измена на дневниот ред , а што е уште почудно, на седницата владееше невообичаена тишина.

Инаку, Талески е првоосомничен во случајот „Транспортер“ за злоупотреби и за малверзации со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.