Македонија И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ слават, големи пресврти во албанскиот блок

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ слават, големи пресврти во албанскиот блок

Двете водечки политички партии од македонскиот блок, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, вечерва прогласија победа на предвремените парламентарни избори и повикаа на прослава.

– Во име на централниот штаб на СДСМ, ве повикувам сите пред Владата да си ја прославиме големата победа – рече вечерва Стефан Богоев од СДСМ.

Нешто подоцна, ВМРО-ДПМНЕ повика да се излезе на плоштадите и да се слави 10. победа на партијата.

– Ви благодарам и за крај би сакал да го повикам членството на ВМРО-ДПМНЕ и членството на коалиционите партнери и граѓаните на Република Македонија, излезете на плоштадите! Победивме, по 10. јубилеен пат. Имавме противник кој не е само СДСМ. Да се собереме пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во 23.30, од Скопје и од околните места пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ – рече Ѓорчев.

Сепак, за време на прославата пред Владата, СДСМ излезе со нова бројка, односно дека резултатот е изедначен 51:51.

Доколку ова се повтори и со официјалните податоци на ДИК, формирањето нова влада ќе биде особено тешко и најверојатно ќе зависи од тоа која од албанските партии има освоено мнозинство и со кого таа ќе сака да влезе во коалиција.

Големи пресврти и прегрупирања има во албанскиот политички блок со намалувањето на бројот на мандатите за ДУИ и бројот на гласовите кои ги освоија другите партии на Албанците.

Неофицијално, за време на очекувањето на изборните резултати во изборниот штаб на владејачката партија, членството на ВМРО-ДПМНЕ, меѓусебно коментираа и анализираа дека веројатно победата ќе биде тесна и дека овојпат поради расцепканоста на албанскиот блок, како и малата разлика меѓу македонските партии, можно е нови избори да се одржат напролет, заедно со редовните локални избори.