Свет И по маратонскиот состанок, Русија и САД без решение за Сирија

И по маратонскиот состанок, Русија и САД без решение за Сирија

И покрај извесниот напредок во преговорите за решавање на кризата во Сирија, САД и Русија повторно не успеаја да постигнат сеопфатен договор за интензивирање на соработката.

Светските медиуми пренесуваат дека САД и Русија успеале да решат бројни прашања што го попречија патот за обнова на примирјето во Сирија и овозможиле испорака на хуманитарна помош.

Американскиот државен секретар, Џон Кери, и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, по маратонскиот состанок од 12 часа во Женева истакнаа дека постигнале постепен напредок и дека успеале да го „разјаснат“ патот до прекин на огнот во Сирија, но дека практичните детали сè уште треба да се дефинираат.

Кери изјави дека тој и Лавров постигнале договор за поголемиот дел од прашањата, но дека клучните спорни прашања остануваат нерешени, па тие ќе останат во Женева и во наредните денови.

– Блиску сме. Меѓутоа нема да брзаме со договорот сè додека во целост не ги задоволиме потребите на народот во Сирија – изјави Кери.

Москва и Вашингтон сметаат дека Исламска држава им е заеднички непријател. Русија политички и воено ја поддржува власта во Дамаск, додека САД ја поддржуваат сириската опозиција која бара заминување од власт на претседателот Башар ал Асад.