Македонија И денеска ќе се протестира против еднопартиските избори

И денеска ќе се протестира против еднопартиските избори

„Шарената револуција“ денеска повторно ќе протестира против еднопартиските избори. Во најавата за настанот на „Фејсбук“, поддржувачите на „Шарената револуција“ пишуваат дека борбата ќе биде долга и макотрпна.

„Еднопартиски избори нема да дозволиме. Нема да им дозволиме ни да избегаат со украденото, а камоли да останат во земјата несоочени со правда. Нема да дозволиме повторно заташкување на ситуацијата и губење на уште една година во реформи од типот „едно напред, три назад“, пишуваат организаторите на „Фејсбук“.

Тие потсетуваат на барањата на „Шарената револуција“, од кои велат дека нема да отстапат ниту милиметар: итно повлекување на одлуката за аболиција, итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд што ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, процесот на решавање на кризата да се одвива на територијата на Македонија и формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.